Куманово ќе добие ново јавно претпријатие за изградба на инфраструктурни објекти, “Куманово-Гас”. Основач на новото ЈП е Советот на општината, а неговата дејност ќе биде градежништво, подготовка на градилиште, изградба на целни објекти, инсталатерски работи, издавање на опрема и машини за изградба или уривање, со крајна цел гасификација на домаќинствата. Основачот ќе обезбеди 5.000.000 денари за почеток на работата на претпријатието, а во во управниот одбор ќе има девет члена кои ги именува општината како основач, додека директорот ќе биде избиран од градоначалникот по пат на јавен конкурс.
Според најавите, гасификациската мрежа во Куманово ќе биде во должина од 130 километри, колку што е и водоводната. Во првата година за изградба на инфраструктурата ќе бидат потребни околу 1.000.000 евра, најави градоначалникот. За четири години се планира да биде изградено 60 отсто од мрежата. Засега, гасот како енергенс за загревање го користат пет фирми -Фабриката за заварени цевки и профиле “11 Октомври”, Керамичката индустрија КИК, Тутунскиот комбинат “Боро Петрушевски-Папучар”, ДС “Констракшн” (поранешна “Искра”) и уште една приватна фирма. (И.Б)