Утврдувањето на списокот на реформите, кои Владата треба да ги спроведе доколку сака да добие аранжман од Светската банка, е главната цел на преговорите кои вчера стартуваа меѓу тимот на Банката, предводен од Брус Кортни, и владиниот преговарачки тим. Негов домаќин вчера претпладне во Скопје беше министерот за финансии Никола Поповски, со кој на првиот ден од овие априлски преговори се отвори најболната точка – здравствениот систем и состојбите и реформите кои треба да се спроведат на ова поле. ” Ние сме тука за да ги утврдиме проектите што планираме да ги поддржиме со аранжманот, пред се во здравството”, рече Кортни и додаде дека лично не очекува никакви проблеми бидејќи од Банката сметаат дека Владата е способна да ги спроведе реформите во оваа област. Светските банкари сугерираат кратење на здравствените услуги што граѓаните ги добиваат бесплатно на сметка на Фондот за здравство. Така, Фондот би функционирал на долг рок без финансиски дупки. Остри критики за здравството во февруарската рунда преговори добивме и од Меѓународниот монетарен фонд што беше и главна причина што Македонија се уште го нема добиено аранжманот од Фондот. Кортни, иако воздржан, сепак изјави дека Светската банка е расположена да ги поддржи сите политики кои би ја подобриле лошата бизнис клима, а неопходно е да се подобри и управувањето во јавниот сектор, особено во здравството. Едноставно, изјави Кортни, Светската банка е тука за да се осигура дека реформите што ќе ги договори со македонската Влада ќе овозможат поголема транспарентност во финансиските текови. Шефот на тимот на Банката за Македонија во земјава ќе биде до крајот на неделава, до кога треба да се утврдат сите детали. Тој повторно во Македонија ќе пристигне на почетокот на идниот месец кога во Скопје ќе се спојат две мисии, на Светската банка и на ММФ. Тогаш се очекува работите да станат појасни околу двата нови аранжмани на кои сега се надева македонската Влада.


Весна М. БОЖИНОВСКА