Двајца крадци провалиле во куќа во населбата Бутел, додека трет ги чекал во автомобил. Арамиите биле забележани од случаен минувач, кој повикал полиција.

Според сознанијата на скопското обвинителство, на 27 декември, обвинетите провалиле во куќа на улицата Ферид Бајрам. Додека еден од обвинетите останал во автомобилот да внимава да не наиде некој, другите двајца насилно влегле во куќата и започнале да претураат и да бараат вредни предмети. Во тој момент ги забележал случаен минувач кој повикал полиција.

Тројцата обвинети избегале, но биле фатени и приведени од единицата „Алфа“.

Против нив е поднесено обвинение за тешка кражба, а со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство доколку обвинетите бидат пуштени да се бранат од слобода, надлежниот обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за двајца од обвинетите и куќен притвор за третиот обвинет.

извор: Makfax