Жителите од селата Сместица и Добрино населени со албанско население сакаат да ни го уништат нашето родно Карабуњиште. Сакаат да ни го запалат, а нас да не иселат засекогаш. Со овие зборови се пожалија жителите од Карабуњиште, кое е оддалечено петнаесетина километри од Велес, а само неколку стотини метри од железничката станица Пчиња”. Тие велат дека се жртви на секојдневни закани и притисоци од соседите кои отишле дотаму што им се закануваат со оружје, а пред неколку дена им подметнале и пожар на две места во селото со намера да го запалат.
– Минатата среда во ноќта околу 23 часот ако не беше будна една жена ќе ни го изгореа селото. Подметнале оган на две места. Шест луѓе со часови гаснеа и успеаја да го спасат селото да не го пеплоса огнот. Секој ден се шетаат низ селото со пушки, со автомати. Никој ништо не им може. Ја витосаа сета шума. Изгореа се што можат па сега селото наше дојде на ред оти сакаат да се иселиме и никогаш повеќе да не останеме во Карабуњиште – рече Јордан Игнатов, жител на Карабуњиште.

Причината за гневот на нивните соседи кон нив карабуњиштанци ја лоцираа во тоа што често ги пријавувале во шумското стопанство дека на диво ја сечат околната шума. Тие рекоа дека неконтролирано преку дива сеча се уништува шумскиот фонд и тоа од истите луѓе кои сакаат да ги избркаат од селото.
– Тие не се наши луѓе. По ликот се познаваат. Со пушки се шетаат. Ги заплашуваат луѓето и ни доаѓаат сред село. На пат ако те пресретнат, се закануваат, бидејќи ние секојдневно гледаме како на диво ја сечат шумата. Имаат изградено пат на диво низ шумата и така од Бреза до Велес и до Зелениково, се исекоа и пренесоа илјадници кубици дабово дрво и го продадоа во Скопје. На ова мора да му се стави крај оти инаку може лошо да биде – рече Стојан Кицовски, жител од селото.

Жителите од Карабуњиште ни рекоа дека сите досегашни инциденти ги пријавиле во велешката полиција и шумското претпријатие Бабунаа. Отворено обвинуваат дека досега никоја од надлежните служби не интервенирала. За заканите што им ги прават не знаат ниту од локалната самоуправа на Велес. Оттаму ни рекоа дека ќе испитаат што точно се случува во селото.

Инаку, во Карабуњиште преку цела година има двајца постојани жители, но во лето селото е полно со луѓе кои потекнуваат од него, а живеат во Велес. Сите триесетина куќи се добро зачувани. Селото се наоѓа под планината Бреза. До него нема пат, а оние кои живеат во Велес за да стигнат до родните огништа патуваат со воз до станицата Пчиња”, а потоа пешачат половина час до селото. Бараат помош да бидат заштитени и тие и нивното село од луѓето кои секојдневно ги заплашуваат со оружје во рацете.

(С.А.)