Македонската влада на денешната 21 седница, го разгледа и го усвои Записникот од Вториот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 17 март 2020 година и заклучи истиот да се достави до сите надлежни институции, со цел итно реализирање на мерките и препораките содржани во истиот.

Меѓу една од мерките е и Владата да ја разгледа можноста и  да заземе став во однос на тоа секое лице кое ги напушта границите на Република Северна Македонија, да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Северна Македонија.

Во врска со групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, Владата ги донесе следните заклучоци:

1. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите да ги смести во капацитетите на Криволак.

2. Се задолжува Армијата на Република Северна Македонија да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.

3. Се задолжува Министерството за здравство да обезбеди лекарски тимови за овие лица.

4. Се задолжува Министерството за одбрана да обезбеди вода и храна за потребите на овие лица во текот на денешниот ден, а во текот на утрешниот ден по потреба и од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија.

5. Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да побара преку УНДП вода и храна за потребите на овие лица за наредниот период.

6. Се задолжуваат Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Службата за општи и заеднички работи да обезбедат мобилни тоалети за потребите на овие лица.

Оваа мерка предизвика шок во јавноста. Прво, затоа што границите се затвотрени, а аеродромите исто така и нема кој каде да оди. Второ, постојат многу причини поради кои некој мора да замине од раѓања, болести, операции до неодложна работа па и нечии умирачки и, доколку е тоа технички можно во иднина, никој и ништо не би требало да го спречува во тоа. Според уставот никој не може да спречи македонски граѓанин да влезе во Македонија, секако притоа да ги почитува и спроведе заштитните кризни мерки, и за вакви драстични ограничувања потребни се нови закони а не само одлуки на влада.

Законите и кризните мерки  мора да се почитуваат, особено сега, но Македонија нема прогласена ни кризна ни некаква друга вонредна состојба и законот мора да се почитува бидејќи правната држава мора да опстане и преживее, таа не заболува од корона вирус туку може да биде загрозена од слободно поместување на законските граници и надвор од она што е во законот запишано.