Уставниот суд на Унгарија поништи делови од Кривичниот законик кои забрануваат користење на нацистички и комунистички симболи, објави унгарскиот весник Маѓар немзет”. Судиите тврдат дека деловите кои се прогласени за неуставни биле премногу општи и содржеле нејасни одредби, кои санкционирале користење на нацистички и комунистички симболи без да се земе предвид целта, начинот или резултатот од користењето.

Поништените одредби од Кривичниот законик предвидувале казни за лицата кои на јавни места носат нацистички симболи – свастика, симболот на унгарските нацисти, прекрстени стрели, или комунистички симболи како срп и чекан или црвена петокрака. Сепак се дозволуваше користење на овие симболи за научни, образовни, уметнички и историски цели, наведува весникот.
Одлуката на судот стапува во сила од 30 април. Дотогаш унгарските пратеници имаат можност да изработат нов закон со попрецизни ограничувања.