Државата мора да му помогне на стопанството во конкурентскиот настап на странските пазари. Тука, пред се, се мисли на воведување на компензаторски царини кои ќе го одбранат домашното производство од субвенционирани производи од увоз. Ова е едно од барањата на домашните стопанственици кои го изнесоа на вчерашното годишно собрание на Националениот совет за претприемништво и конкурентност. Владата мора и да ги дефинира стратешките извозни продукти кои ќе ги поддржува во иднина. Претседателот на МАСИТ, Тони Петрески, побара тоа да е информатичката технологија, бидејќи Македонија е на петто место во светот по пораст на извозот на услуги и софтвер во сферата на Инфроматичката технологија. Тоа е бизнис кој во блиска иднина на Македонија може да и донесе приходи од 200 милиони долари. Национален продукт ни е и виното, кој е наш бренд дури од 2000 година наваму. Винарската индустрија, рече Светозар Јаневски од “Тиквеш” треба да биде стратешка гранка која прво треба да се подигне во квалитет. Само “Тиквеш” за две години вложи меѓу 5 и 6 милиони евра во тој поглед и патем ја покрива целата социјала. Конкурентски производ е и текстилот, рече Владимир Ичокаев, кој успеа да се избори за дијагонална кумулација на потеклото. Според него, дефинитивно измина времето на “лон” производството и Македонија мора да работи на своите текстилни брендови и на развој на базната текстилна индустрија.


Виолета ЦВЕТКОВСКА