Потребно да се пронајде нова причина за да се оправда постоењето на Европската Унија, така што ќе ѝ се даде визија и ќе се реформираат нејзините институционални системи, рекол грчкиот министер за надворешни работи, на состанокот со колегите од Вишеградската група и четири балкански членки на ЕУ во Сунио. Според Коѕијас, целта на ЕУ мора да биде да им служи подобро на своите граѓани и да се зајакне блокот во светот кој се менува, фокусирајќи се на луѓето и опкружувањето, пренесе грчката агенција АНА.

„Сакаме Европа која е побединета, подемократска и социјално праведна. ЕУ која е посилна во светот и се грижи за своите граѓани“ рекол Коѕијас.

Според него, таквата ЕУ би требала да биде заснована на принципот супсидијарност, кој обезбедува демократско учество на државата, регионот, а особено на граѓаните и ги надминува разликите внатре во себе, меѓу југот и северот, западот и истокот, богатите и сиромашните подрачја.

Зборувајќи за иднината на Европа, Коѕијас се осврнал на кризата и недостатоците на блокот, укажал на потребата за поголема демократија внатре во институциите на ЕУ и на клучни прашања и загрижености во врска со внатрешните функционирања и односите со државите во светлото на проширувањето, како и глобалната улога на ЕУ, нејзината меѓународна стратегија и надворешната и одбранбена политика.

Министрите за надворешни работи од Вишеградската група и четири балкнакси членки на ЕУ се состанаа во Сунио, јужно од Атина, во пресрет на самитот во Софија следната недела, каде разговараа за енергетика, иднината и проширувањето на Европската унија.

На состанокот учествуваа шефовите на дипломатиите членки на Вишеградската група – Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, како и министрите на Грција, Бугарија, Романија и Хрватска.

На состанокот како набљудувачи беа повикани и министрите за надворешни работи на земјите кои чекаат да влезат во ЕУ – Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, како и нивните колеги од Словенија и Кипар.

извор: Makfax