Сопственикот на “Славија”, Кирил Кочовски, се наоѓа во странство на лекување по стресот што го доживеал кога минатиот месец бил приведен во полиција, тврдат неговите адвокати. Тие велат дека Кочовски не избегал, но не кажуваат во која земја се лекува. Кочовски и неговите блиски соработници Мирко Петревски, Гордана Ѓорѓиевска, Новица Стевановиќ и Жаклина Павловска се осомничени од Јавното обвинителство дека на криминален начин ја приватизирале “Славија”. Според адвокатите Ставре Џиков, Ѓорѓи Настески и Крсте Јанчевски истрагата за незаконската приватизација во оваа фирма е покрената од разрешената управителка на “Славија”, Анка Сапунџиева и нејзината заменичка Гордана Ѓорѓиевска, која за разлика од Петревски и Стевановиќ, кои се наоѓаат во затворот во “Шутка”, таа е ослободена од притвор. – Имаме писмени изјави што ги дала Сапунџиева во кои таа кажува дека немало криминална приватизација на “Славија”. По нејзиното разрешување таа одеднаш се премислува и бара да се покрене постапка за наводен извршен криминал, вели адвокатот Џиков, кој истакнува дека имаат документи што потврдуваат дека приватизацијата на “Славија” била спроведена легално. Адвокатите сметаат дека во истрагата еднострано се прикажува проблемот, што ги наведува на сомнеж дека во целиот случај во игра се влезени и државните институции. Против Сапунџиева, адвокатите поднеле пет кривични пријави. (С. Бл.)