Бидејќи штедачите од Еуростандард Банка ја нападнаа Народна Банка за пропаста на нивните пари, на Фејсбук реагираше и еден од сопствениците на Еуростандард, Трифун Костовски

Костовски вели дека за време на неговиот мандат како акционер никогаш не дозволил да има перење на пари во Банката.

Штедачите имаат право да ја бараат правдата и сопствените пари. За време на мојот мандат како акционер и член на Надзорен Одбор во Еуростандард Банка, никогаш не сум дозволил да има перење на пари, и ве убедувам во тоа. Сакам да знаете дека Вашите и моите финансиски средства се украдени во Македонија и тие пари се тука, напиша Костовски. 

Тој додаде дека Народна Банка е само извршител на нарачателот на ваквиот чин и дека ваквиот потег на Народна Банка би го прифатил само доколку сопствениците на Еуростандард не би биле заинтересирани да ја спасат банката.

Со цел да се скрие организираниот криминал Народна Банка беше само извршител на нарачателот на овој чин. Бидете убедени, да имаше стамени луѓе на функцијата Гувернер, немаше да се случи вакво нешто. Да бевме ние акционерите незаинтересирани да ја спасиме банката тогаш би го сфатил овој потег на Народна Банка, вели тој.

Тој на крај уште еднаш повтори дека во конкретниот случај се работи за организиран криминал, а Народна Банка како егзекутор ќе ја тера до крај оваа егзекуција. 

Почитувани оштетени штедачи, се работи за организиран криминал. Ова не се поединечни кражби, институциите на системот за гонење на ваков криминал во моментов ми изгледаат како „заробени” од актуелната власт. Повторувам … Народна Банка беше само егзекутор кој до крај ќе ја прати оваа егзекуција, бидејќи е член на Одборот на доверители, со цел да го контролира целиот процес, напиша Костовски на фејсбук.