Потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, е именуван за нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој доаѓа на местото на Јован Деспотовски кој беше на чело на Фондот три години.

Петров на „Фејсбук“ објави дека ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.

После 15 години работно искуство во приватниот сектор, од кои 10 години како основач и директор на Пи Ворлд, време е за…

Posted by Kosta Petrov on Tuesday, November 10, 2020

„Иновациите и развојот на технологии мора да ја заземат централната улога во нашата развојна економија, а ФИТР ќе биде двигател на оваа трансформација.  ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.  Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите со тоа што ќе им помагаме во секој чекор, почнувајќи од работењето, едукацијата, развојот на продукти, па сè до комерцијализацијата и продажбата. Фондот ќе работи и соработува со врвни домашни и меѓународни претприемачи, финансиски експерти и основачи на иновативни компании.

Во нашата работа ќе биде целосно вклучена и академската заедница, која ќе биде нераскинлив дел од сите процеси. Мојата визија е заедно, со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да ја позиционираме Македонија како регионален стартап хаб во регионот.

Македонија има многу потенцијал, има многу паметни и мотивирани млади луѓе. Ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме и да им помогнеме да ги реализираат своите цели. За крај, сакам да му заблагодарам на премиерот Зоран Заев за дадената доверба и на сите мои колеги кои ме поддржуваа. Нè чека многу работа и многу храбри чекори! Знам дека можеме!“, напиша Петров.

Тој претходно беше и портпарол на Министерството за здравство.

извор: Makfax