Варијантата што вчераутро и завчера се вртеше како обид за премостување на проблемот со транспорт на нафтата за Косово, преку железница – отпадна. Ова вчера ни го изјавија релевантни извори од Кабинетот на Бучковски кои тврдат дека “железничкиот нафтен мост” отпаднал од технички причини, односно немање доволно нискотоварни вагон-цистерни за белите горива, а за мазут на косовска страна немаа соодветни инсталации, односно резервоари со грејачи. Наместо тоа шпедитерите на ОКТА ќе морат да одат на варијантата транспорт на гориво со автоцистерни, а за тоа ќе мора да ги почитуваат локалните прописи во Србија, според кои секој четврток во Министерството за енергетика на Србија ќе одат по енергетска согласност за транзит на одреден вид и количина на гориво. Ова е компромисот што го постигнале двете царински служби на Македонија и Србија по серијата интензивни преговори по кои се договориле за “отчепување” на граничниот премин Табановце. По тридневниот застој на овој премин во кој останаа “заробени” околу 200 македонски цистерни и камиони со гориво и други стоки, македонската Влада одлучи да и овозможи на ОКТА интервентно да транспортира нафта за Косово со железница. Меѓутоа бидејќи се испоставило дека техничките можности на двете железници не одговаарат на ваквите барања, сепак е договорено “отчепувањето” да се случи веднаш со автоцистерни, но и со задолжителните енергетски дозволи. Инаку, поради блокадата на енергенсите за Косово (Блаце е затворено поради одрон на патиштата, Јажинце инфраструктутно неприлагодено) кои се целосно насочени на Табановце, во Косово и кај властите на УНМИК владее вистинска паника. Во Скопје дошол висок претставник на УНМИК, кој побарал од македонските власти да го решат проблемот со алтернативни патишта, за да се избегне енергетска криза во Косово.
Белградската агенција “Фонет” јави дека според српските гранични органи, проблемот бил тоа што камионите имале ознаки на УНМИК и оти претходно не биле најавени. Според неа околу 50-тина цистерни се уште стојат на Табановце, чекајќи од Белград да пристигнела дозвола за влез во Србија.
Македонското Министерство за надворешни работи упати протестна нота до Белград, барајќи да не го попречува транзитот на стока низ територија на Србија. За решавање на проблемот со задушениот транспорт кон Косово се заложил и министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Вук Драшковиќ. Тој вчера на состанокот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Атина, ја информирал шефицата на македонската дипломатија Илинка Митрева дека се заложил кај српскиот министер за енергетика и рударство Радомир Наумов да биде надминат проблемот со транспортот на нафта од Македонија за Косово.


Виолета ЦВЕТКОВСКА