Косово сака војска по секоја цена
Упорноста на приштинскиот тим Косово по секоја цена да има свои безбедносни сили и вчера како и на почетекот на разговорите, предизвика жолчни оспорувања и негирања од српска страна. Во таков тон помина вчерашната виенска рунда разговори меѓу делегациите на Белград и Приштина на кој се расправаше за меѓународното цивилно и воено присуство и бесбедносните сили на Косово.
“Ние во тоа видовме нуклеус во идната косовска војска-албанската војска на Косово и Метохија. Го отфрливме цел тој дел, бидејќи не е во согласност со нашиот предлог понесен уште првиот ден, во кој ние бараме Косово да биде демилитаризирано” – изјави на крајот од средбата координаторот на белградскиот тим Слободан Самарџиќ. Според него за Белград е прифатливо присуството на меѓународните сили на определено време до демилитаризацијата, а не создавање косовски безбедносни сили. Претставникот на приштинскиот тим изнесе сосема спротивни ставови пред новинарите.