x

Косоварот и несудениот македонски репрезентативец: Белград е мојот дом!

Се чувствува како Косовар, има и македонски пасош, малку недостигаше да игра за нашата репрезентација, а вели дека Белград е неговиот дом. Вакви изјави не можат често да се слушнат овде на Балканот, но затоа можат од Суад Сахити, некогашниот фудбалер на Работнички, клуб кој во 2014 и 2015 година доминираше во мак – фудбалот со една титула, два купа и пласман во плеј – офот во Лигата на Европа.

Во тоа време Сахити беше еден од најдобрите млади играчи во ПМФЛ, доби наш пасош, требаше да игра за младата репрезентација, но тоа не се случи. Потоа настапи за Косово, но и таму не се наигра. Играше и за Скендербег, Аел, бугарскиот Септември, а тој ги шокира полските медиуми, кога изјави дека Белград е неговиот дом. Да кажеме дека Сахити сега игра во Висла Плоцк.

“Не кријам, мојот дом е во Белград. Таму сум роден и таму пораснав. Да кажам дека имам роднини и во Приштина. Овде во Полска на почеток ми беше многу тешко, но мора да се навикнам. Имам државјанство на Косово, но имам и македонски пасош. Кога играв за Работнички имав сигнали дека ме сакаат во репрезентацијата, но не заиграв поради документите. Македонците тогаш имаат добар тим, играа и на ЕП во Полска. Сакав да пробам, но ги немав сите потребни документи и таа шанса пропадна. Интересно што и денеска го користам македонскиот пасош. Не ме интересира политиката, имам пријатели Срби и Албанци, моето семејство никогаш немало проблеми во Белград. Балканот е прекрасен, само треба да се живее мирно“ изјавил Сахити за полскиот медиум “Pilkarskie Balkany“.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата