КОРУПЦИЈАТА ГО ПОДМАЧКУВА БИЗНИСТО
“Македонија се наоѓа меѓу дилемата “има или нема корупција”. Според 450.000 доспеани пријави за коруптивни дела во МВР, во земјата и тоа како има корупција, а според фактот дека од Јавното обвинителство нема ниту едно покренато обвинение, излегува дека нема. Јас мислам дека корупција има и ние од кампања треба да прејдеме во системска борба против неа”. Ова вчера го изјави Слаѓана Тасева од Државната комисија за борба против корупцијата, која отворено ги посочи скинатите алки во антикорупциската битка. Тоа се Владата, која со Комисијата комуницира со упатство (уште малку и со меморандуми за разбирање) и го отежнува пристапот до документи, и Јавното обвинителство кое не презема иницијативи. Краен резултат од транзицијата, според проф. д-р Љубомир Кекеновски, е подигнување на корупцијата на највисоко ниво. Кај нас, наместо економски амбиент за привлекување инвестиции и креирање одговорни менаџери, со инсајдерската приватизација, потенцираше тој, се создадоа шверцери, стечајни управници и корумпирани бизнисмени и политичари. “Јавната сопственост во Република Македонија добива својство на партиска сопственост, а државните фондови се сведоа на партиски. Во јавните претпријатија на челни места влегуваат луѓе без никакви референци, а излегуваат без никаква одговорност. Бизнис-секторот е толку слаб, што прави пакт со секоја власт, при што губат бизнисмените, губат граѓаните, а добиваат единствено транзициските политичари. Корупцијата ги поскапува сите тро- шоци на работење, се вметнува во секоја цена на производите, а самата коруптивна одлука станува се поскапа”, вели Кекеновски. Според Зоран Јачев од Транспарентност, постои теза дека корупцијата го подмачкува бизнисот, но таа е штетна за сите освен за оние што имаат директна корист од неа. Кај нас, тврди тој, во изминатите 13 години, речиси, сите влезени инвестиции се или од шпекулативен капитал или имаат шпекулативна намена. Според Трајко Славески, ние ја губиме битката со корупцијата бидејќи демократијата назадува, за што пример е референдумот, бидејќи на одделни социјални случаи од држвни институции им се заканувале дека ќе ја изгубат социјалната помош ако излезат на гласање. Тој упати директно прашање и до организаторот на вчерашната Конференција за корупција, зошто “Сорос” е секогаш на страна на посилниот. Професорот Никола Тупанч евски, тврди дека корупцијата е присутна во државните служби, каде се уште е пресудна политичката припадност, посочувајќи го примерот со последниот конкурс за прием на државни службеници, при што наместо Агенцијата за државни службеници, конечниот избор беше на раководните луѓе во министерствата. За намалување на корупцијата, според него, треба да се донесе посебен закон за конфликт на интереси и конечно воведување на едношалтерскиот систем.
ВИОЛЕТА ЦВЕТКОВСКА