Условно кажано, додека цел свет ,,војува’’ со актуелниот непријател наречен коронавирус или уште т.н Ковид-19, по што изгледа ќе биде еден од позначајните предизвици на 21-виот век, а несомнено глобален предизвик за 2020 година.

Пандемијата со Ковид-19 претставува потенцијална опасност за светот и јавното здравје на граѓаните ширум светот, коронавирусот на јавната сцена постои од крајот на декември, минатата година, но и овој пат доаѓаме до заклучок дека доколку луѓето не чувствуваат дека е во прашање нивниот личен интерес и доколку одредена ситуација не  е поддржана со соодветни настани, можеби од психолошки аспект фокусот на популацијата по таа тема е многу помал или се наоѓа во сенка.

Со постепеното доаѓање на коронавирусот во Европа, а потоа и на Балканот од ден на ден се повеќе и повеќе се става акцент по таа тема во Македонија, додека наспроти тоа останатите прашања и проблеми, остануваат во сенка.

Во ера на глобализација и дигитализација несомнено се соочуваме со информациски ,,бум’’, фокусот на јавното мислење е целосно насочено кон корона кризата.

По повеќето статистистички податоци, а веќе и практично воочуваме дека ширум светот многу луѓе ќе ја загубат битката со коронавирусот пред да се појави успешна вакцина и истата да биде во масовно производство, но и во оваа ситуација дали можеби Македонија се бори со еден условно кажано вечен проблем, дали и во ситуација на корона криза корупцијата во Македонија преживува!?

Дали можеби со корумпиран царинарник и за ефтини 10 евра може да направи влез и короната во нашата држава!?

Дали и колку се од доверба македонските граници и службеници и во услови на корона!?

Колку владата и надлежните институции се грижат за македонското корумпирано општество!?

Корона + Мито = одлична зделка.

Дали во Македонија и короната подлегна под корупција!? Дали јавното здравје има цена!? Или дали можеби полицискиот час е се што државата може да ни пружи!? Тоа се само мал милион прашања кои секојдневно поминуваат низ главите на македонските граѓани.

Ако за увоз на корона ни се потребни 10, 20 или 30 евра, тогаш колку ќе чини корупцијата во Министерство за здравство за набавка на потребната вакцина!?

Повеќето од нас знаеме по некој пример, сме го почувствувале на своја кожа или пак сме слушнале дека проблемот на македонските граници има своја цена, цената може да биде 10, 20 или  пак 30 евра, илегалното преминување и понатаму не е нешто што е практично невозможново, тоа може да се овозможи и време на корона криза.

Корупцијата е лоша сама по себе, но, таа несомнено е навлезена во секој сегмент во македонското општество, со што до ден денес никој не направи сериозен обид во борбата против корупција во оваа држава.

Корупцијата можеби нема доволно да ги нахрани службените должности, но тешко кој ја нема.

Во Македонија дури и во ситуација кога постои можност да дојде до колабрирање на целиот здравствен систем корупцијата ќе си ја одржуваме во живот!?

Кога, како и дали воопшто ќе се стави крај на корумпираното македонско општество!? По се изгледа дека токму корупцијата ќе го ,,стави клучот на иднината на оваа држава!

Имаше право Актон, Моќта има тенденција да корумпира, апсолутната моќ, апсолутно корумпира!

Пишува: Елена Ристеска, апсолвентка на политички науки на Правниот факултет ,,Јустинијан Првиво Скопје, при УКИМ.