Властите во Грција го потврдија присуството на Ковид-19 на две фарми за куни на северот на земјата, објави официјално лице од Министерството за земјоделство.

Вирусот, откриен на фармите, сè уште не е мутиран, а властите наредија да се убијат 2.500 куни од фарма во северниот регион Кожани, изјави за „Ројтерс“ официјален претставник на грчкото Министерство за земјоделство.

Одгледувач на куни на една фарма е исто така заразен со коронавирус, а во моментов се спроведува тестирање на Ковид-19 меѓу другите вработени.

Трговијата со крзно е важна гранка на индустријата во Кожани и блискиот округ Касторија, каде што се наоѓа друга фарма за куни.

Се проценува дека има стотици илјади животни на грчките фарми.

Ковид-19 беше откриен на фармите во Грција неколку дена откако данските власти усвоија план за убиство на сите 17 милиони куни во земјата, по евидентирани случаи на инфекција со мутиран коронавирус кај животните.

извор: Makfax