Првите луѓе на Царинската управа, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Дирекцијата за спречување на перење пари вчера потпишаа Протокол за соработка и заедничко дејствување во борбата против организираниот и други видови финансиски криминал. “Тие во иднина по електронски пат ќе ги разменуваат информациите обезбедени при истраги, откривање и спречување организирани и други видови финансиски криминал согласно со нивните надлежности”, рече директорот на Царинската управа Илија Илоски по потпишувањето на Протоколот. Соработката ќе вклучува и давање помош при откривањето организиран и други видови финансиски криминал, при преземањето на потребните службени активности, при меѓусебната стручна соработка во процесот на едукација и обука на човечки ресурси, при координирањето на активностите во државата и на меѓународен план со цел откривање и спречување организирани и други видови финансиски криминал, како и формирање заеднички експертски тимови кои ќе учествуваат во практично решавање на специфични случаи.
Според директорката на финансовата полиција Љиљана Арсовска, овој орган и досега бил активно вклучен во откривањето на сторителите на даночното затајување во случајот даночна пирамида. “Имавме непрекинати активности, а поднесувањето на кривичните пријави континуирано тече, што значи се уште работиме на оваа проблематика. На крајот на годинава ќе излеземе со извештај со конкретни податоци”, вели Арсовска.


Весна М. БОЖИНОВСКА