Скопскиот и охридскиот аеродром, според новиот Закон за воздухопловство кој во својата конечна фаза влегува во собраниска процедура, ќе можат да се издадат под концесија на период до 30 години. Претходно за концесија беше предвиден период од седум години што се сметаше за неатрактивен период за враќање на средствата што би се инвестирале во реконструкција на домашните авиопристаништа. Седумгодишна концесија ќе почне да се применува за издавање на услуги за прием и отпрема на патници, што е во согласност со директивите на европските воздухопловни власти, од моментото кога Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата. Според Емилијан Станковиќ, заменик-директор на Управата за цивилна воздушна пловидба, по истекот на периодот за кој е доделена концесијата, по барање на концесионерот и врз основа на успешноста во вршењето на дејноста, таа ќе може да биде продолжена.
Со Законот се предвидува и поделбата на УЦВП на Агенција за цивилно воздухопловство, како орган на управа во својство на правно лице, и на МАКЛ АД, со единствен акционер-државата, како давател на услуги во контролата на летање, возухопловната метеорологија и техника. Агенцијата и МАКЛ АД се предвидува да почнат да работат на први јануари 2006 година.
Според Станковиќ, со новиот закон за воздушна пловидба ќе се имплементираат стандардите од ЕУ во областа на воздухопловството што ќе доведе до големи реформи во оваа дејност и кај субјектите што се занимаваат со неа. (З.П.)