Владините протоколи со кои се уредува работењето на плажите ги затекна речиси неподготвени оние кои стопанисуваат со нив во Охрид и Струга. Велат дека протоколите се носат многу доцна среде летната сезона и оти во нив има редица нелогичности кои во пракса се тешко изводливи. Покрај задолжително држење на физичка дистанца од 1,5-2 метри, се предвидува иста таква дистанца и при капење во езерото. Покрај вработените и посетителите треба да носат опрема за лична заштита, што го покрива пределот на носот и устата, а ограничен е и бројот на гости на плажите. Максимум 15 на 100 квадрати.

„Ние можеме да се грижиме за лежалките на плажа, за растојанието и за тоа апсолутно нема никаков проблем. Но, за дистанца во вода, колку лица на која близина ќе бидат во водата, не знам колку ние можеме да бидеме сигурни во тоа….“, рече за АлсатМ Ана Јанчева-менаџер на хотел Дрим.

Концесионерите на плажи велат дека тие не се инспектори за да им наложуваат на гостите да носат заштитна опрема.

„Ќе го дадеме максимумот тоа да го направиме и покрај ситуацијата со пандемијата со корона вирусот, поради која и нема гости на плажите“, рече Јетмир Селими-концесионер на плажа.

Иако денес на плажите во Струга немаше многу гужва, она што го забележавме е дека имаше групирање и по неколку луѓе на едно место, никој не носеше маска, а на педалинките кои пловеа по езерото беа качени и по повеќе лица. Инаку, освен споменатите мерки, помеѓу чадорите треба да има растојание од 4 метри, а лежалките ќе мора задолжително да се дезинфицираат. Секој посетител ќе мора на нив задолжително да постави пешкир.

Извор: АлсатМ