Во концертната сала на Музичката академија во Штип се одржа концерт во спомен на истакнатата македонска пијанистка и универзитетски професор м-р Стела Слејанска-Стојаноска.

Концертот во чест на овој истакнат професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и еден од основачите на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, станува традиција.

„Со своето активно присуство на музичките сцени и фестивалски манифестации низ државава и во повеќе земји низ Европа и светот, професорката Стела беше етаблиран пијанист со силна репродуктивно – творечка имагинација и индивидуалност во интерпретацијата”, беше истакнато во воведната беседа.

На концертот настапија Сашка Панева, Ангеле Михајловски и Христо Стојаноски – дел од оние коишто Слејанска-Стојаноска ги воведе во светот на музиката. Тие, на штипската публика и овозможија да слушне дела од Брамс, Шуман, Месиан, Аврамовски…

По одржувањето на концертот беше прикажан и документарниот филм „Сеќавање на Стела Слејанска-Стојаноска“.