Министерот Михајло Маневски на вчерашната Конференција на министри за правда од земјите од Западен Балкан што се одржува во Брдо, Република Словенија, го претстави македонскиот национален систем за конфискација на криминално стекнатиот имот.
Тој посебно се осврна на измените на Кривичниот законик, со кои се воведе проширената конфискација, како и на новиот Закон за кривичната постапка.

Во рамките на своето обраќање, министерот Маневски ги презентираше и резултатите од досегашните извршени конфискации по основ на правосилни пресуди во Република Македонија.
– Замрзнувањето на имотот со привремените мерки и конфискацијата на имотот се најсилниот инструмент во борбата против организираниот криминал и корупцијата, истакна македонскиот министер за правда, додавајќи дека никој не може да стекне имот со извршено кривично дело и секој принос од казненото дело мора да се одземе.