Премиерот на Италија, Џузепе Конте најави план за постепено укинување на ограничувањата во земјата по седумнеделната забрана за движење со цел сузбивање на коронавирусот. Конте рече дека граѓаните, без оглед на релаксирањето на мерките, мора да продолжат да ги почитуваат правилата за социјална дистанца.
        
Од 4 мај ќе се отворат јавни паркови и зелени места и граѓаните ќе можат да ги посетуваат роднините кои живеат во истиот регион.Градоначалниците имаат право да воведат посебни ограничувања при престојот во паркови за да избегнат гужва, на пример да одредат максимален број на луѓе едновремено.
        
За време на семејните посети, луѓето ќе треба да носат маски, додека останува забрането да се организира забава. Од 4 мај ќе бидат дозволени погреби со најмногу 15 ожалостени кои ќе треба да носат маски.Се препорачува сите погреби да се одржуваат на отворено.
        
Библиотеките, музеите и галериите ќе бидат отворени од 18-ти мај.Доколку епидемиолошката состојба не се влоши, малопродажните продавници ќе се отворат на 18 мај, а ресторани, кафулиња и салони за коса на 1 јуни, рече Конте.

        
Фабриките, градежните работници можат да продолжат со работа веднаш штом ќе се воспостават неопходните безбедносни мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот. Меѓутоа, Конте рече дека во случај на нов пораст на заболени, владата веднаш ќе интервенира и ќе ги забрани индустриските активности.
        
„Ако луѓето не ги почитуваат новите мерки, работите ќе излезат од контрола, ќе имаме зголемување на смртните случаи, а економијата ќе претрпи непоправлива штета“, рече Конте.
        
Тој исто така најави дека клубовите во колективните спортови би можеле да започнат со тренинзи на 18 мај, а во индивидуални спортови на 4 мај. Таа одлука значи дека италијанското фудбалско првенство Серија А би можело да продолжи во јуни.
        
Италијанското Министерство за здравство соопшти дека земјата има најмал дневен број на смртни случаи од инфекција со коронавирус од средината на март.Од вирусот се заразени 197.675 луѓе, од кои 26.644 починале.
        

извор: Makfax