Консултанти во иднина ќе бидат и македонски експерти
Сопствениците на “Македонски телекомуникации” на вчерашната седница на Бордот начелно се договориле значителен дел од средствата, наменети за консултантски услуги за годинава, да бидат пренасочени за ангажирање на домашни експерти, а помал дел за странски. Досега, сите средства за консултантски услуги беа изнесувани надвор од земјава преку “Телемакедонија”, фирмата-ќерка на унгарски “Матав”, чиј договор е продолжен со променети услови. Токму “Телемакедонија” беше посочувана како фирма преку која во последниве две години на странските директори во Телеком и “Мобимак”, но и други “експерти” само за консултантски услуги годишно им се исплаќаа нелогично големи надоместоци на име “трансфер на искуство и знаење” во висина од седум милиони евра. Поради тоа имаше сомневања дека тоа е еден од каналите “Матав” да го изнесува профитот од Телеком од земјава. Инаку, членовите на Бордот искажале задоволство од финансиските резултати остварени лани не само во Телеком, туку и во “Мобимак”, при што над 60 милиони евра биле вложени во развој на инфраструктурата. Во бизнис-планот за оваа година е побаран поагресивен настап во промоцијата на брзиот интернет АДСЛ. На седницата на Бордот наименуван е нов финансов директор на “Мобимак”, Дејан Крстевски, кој го заменува унгарецот Петер Конц. Спорните прашања околу отпуштањата, испратнините, новите вработувања, цените на услугите и дивидендата се оставени да ги договрат првиот човек на Матав, Елек Штрауб и премиерот Бучковски на средбата што ќе се одржи меѓу 20 и 25 овој месец.
С. Блажевска