“Македонски телекомуникации” вчера на својата веб страница јавно ги објави прилозите 8А и 8Б од референтната понуда за интерконекција (МАТЕРИО) што минатиот понеделник ги одобри Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Со тоа практично се овозможува идните јавни мрежни оператори со исполнување на наведените услови во МАТЕРИО да ги интерконекцираат нивните мрежи со јавната комуникациска мрежа на Телеком.
За Телеком одобрениот тарифник е неприфатлив и превисок и побара негово преиспитување. Оттаму сметаат дека со ваквите цени што не соодвествуваат на трошоците нема да можат да ја одржуваат мрежата, а ниту да инвестираат во нејзиниот развој. Од Телеком не очекуваат позитивен исход по нивната жалба која ја поднесоа во петокот и најавуваат дека ќе ја обжалат одлуката на АЕК на Врховен суд.
Сега на потег се компаниите кои се заинтересирани за влез во фиксниот телекомуникациски пазар. Од АЕК истакнуваат дека над 35 фирми веќе се нотифицирани кај нив за давање на најразлични телекомуникациски услуги. Дел од нив се нотифицирани како сервис провајдери, дел за градење на безжични, а дел за жичани мрежи, а колкав е бројот на оние што побарале да бидат оператори на фиксни говорни телефонски услуги, од Агенцијата засега не можеа со сигурност да кажат. Засега две-три компании преговараат со Телеком околу условите за меѓусебно спојување. Засега само интернет провајдерот “Он нет” јавно обелодени дека има изградено мрежа низ државата. Од “Он нет” веќе се во преговори со Телеком, а во фаза им е набавката на крајната опрема. Првиот човек на “Он нет”, Предраг Чемерикиќ за почеток најавува давање на неколку услуги, како што се избор и предизбор на оператор, меѓународни повикувања, разговори кон мобилните мрежи и конекција од надвор кон македонските корисници. (С. Бл.)