x

Конечно ќе се игра кошарка: Македонско дерби на стартот на БИБЛ-лига

kumanovo

Долгата пауза во мак-баскетот денеска и официјално завршува. На сцена први ќе настапат Куманово и ТФТ, ова ќе биде македонско дерби во БИБЛ-лигата, истото е закажано со почеток во 19 часот.

По речиси осум месеци, двата тима ќе излезат на терен и ќе го почувствуваат андреналинот кој го носи овој спорт.

Иако Куманово за противник го има тимот кој до лани беше член на второлигашкото друштво, сепак со респект гледа на ТФТ.

„Натпреварот со ТФТ е прв официјален по пауза од цели осум месеци. Очекувам доста неизвесен натпревар. Како од фактот дека зад нас е една преголема пауза, но и поради квалитетот на екипата на ТФТ, која иако се води како дебитант во ова натпреварување, состави одлична екипа“ – вели првиот тренер на Куманово, Владимир Мирковски.

На другата страна избраниците на Боро Смилковски се желни за докажување, а богами и не се за потценување, својот млад состав го засилија со Американци и еден кошаркар од Австралија.

„Ние, пред сè, како еден млад клуб, дебитант во БИБЛ лигата ќе се потрудиме достојно да се претставиме во регионот, а истовремено организациски да поставиме една структура на која ќе се темелат нашите амбиции во годините кои следуваат“ – вели Смилковски и додава: „После повеќе од два месеци напорна работа и тренинзи, конечно и премиера за нашиот клуб и тоа во БИБЛ лигата против одличниот тим на Куманово. Во една ваква ситуација, во услови на корона-пандемијата, мислам дека пред сè треба и сме благодарни на секоја можност некој натпревар да биде одигран“- смета Смилковски пред вечерашниот меч.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата