Нови членови на Претседателството на БИХ се: Харис Силајџиќ од бошњашката Странка за БИХ, Небојша Радмановиќ од српската СНСД и Жељко Комшиќ од хрватската СДП.
Харис Силајџиќ со освоените 62,1 отсто од гласовите убедливо го победи актуелниот претседавач на Претседателството на БИХ, Сулејман Тихиќ кој освои само 28 отсто од гласовите. Во Република Српска, Радмановиќ немаше свој противкандидат, па не му беше тешко да победи со 54,8 отсто освоени гласови. Во хрватскиот блок владееше вистинска драма. До последен момент Хрватите во БИХ не можеа да се свестат, ниту пак сакаа да признаат дека победил тоталниот аутсајдер, Жељко Комшиќ. Тој освои 40,83 отсто гласови, што е многу повеќе од фаворизираниот Јовиќ, кој доби 25,11 отсто. Благодарение на Дејтонската математика, во целосно разединетото хрватско бирачко тело, тој ги победи двајцата свои ривали, со помош на гласовите добиени од Бошњаците. Од неговите Хрвати во Босна, Комшиќ доби само над еден отсто од гласовите. Вакво чудо, велат хрватските аналитичари, не е забележано во светската изборна практика.