Картите се наредија. Вечерва, во салата на СРЦ “Кале” (20,15 ч), во големото финале, во најмасовното клупско натпреварување- Купот на Македонија за преодниот пехар на “Вечер” , ќе играат бранителот на трофејот кој веќе петпати ги краси витрините на Ф. Работнички и Вардар Осигурување, дебитант во финалето, двете најуспешни екипи и во националното првенство, во легалниот дел на УФА медиа Прва лига. Вардарци според очекувањата, во полуфиналето, славеа лесна победа против Поло Трејд, кој стартуваше со 11:0, а беше рамноправен и до почетокот на третата четвртина. Но, тенката клупа на струмичани го стори своето, тимот на Вардар Осигурување ги дочека своите пет минути, нагази и по водството со 68:49 (25 мин.) практично се беше решено на паркетот. Продолжението беше обична формалност. Вардарци имаа и време за активен одмор пред денешното финале. – Уште пред мечот реков дека сме големи фаворити, тоа го покажавме на терен, сега не чека големото финале во кое ја бркаме втората победа за освојување на пехарот, вели тренерот на Вардар Осигурување Марјан Лазовски. Лутите спортски ривали Ф. Работнички и МЗТ Скопје 2000 ги наполнија трибините на “Кале”, но останаа должни, поради скромниот учинок. Посебно “штрковите”, кои бегајќи од под кошевите, каде што беа најтенки, демонстрираа ревија промашувања за тројка (28 – 4) изразени во проценти – само 14 отсто. На крајот го изедначија неславниот рекорд, според бројот на постигнатите поени (49) и тоа против истиот противник на второто финале од Купот, во Гостивар (27 февруари 1994 г.). И Ф. Работнички, иако победник имаше втор најслаб резултат во Купот, според постигнати кошеви (66), исто така против неодминливите “штркови” (во Скопје на втори април 2000 г.) Натпреварот гледано во целина беше здодевен бидејќи Ф. Работнички немаше партнер за надигрување. На крајот не видовме ниту многу пот на лицата на “шпедитерите”, што доволно зборува за нивната супериорност во однос на “штрковите” кои, како што рече нивниот тренер Александар Петровиќ, со толку малку постигнати поени не можеле да победат и екипа што се бори за опстанок во лигата, а не за трофејот. Вечерашното, машко, финале првпат во нашата земја ќе го судат тројца делители на правдата, сите интернационалци, одредени со ждрепка: Денковски, Златевски и Мицевски.


Славчо ТРОШАНОВСКИ ФОТО: Д. Андоновски