Комуналните редари на Град Скопје во наредниов период ќе ги едуцираат граѓаните како правилно да го одлагаат отпадот во новите полуподземни контејнери што се поставени на улицата Никола Русински, зад ТЦ „Лептокарија“ во Карпош 3.

Градот пред два дена почна пилот проект за тестирање нов вид контејнери за отпад од домаќинствата – полуподземни контејнери.

На улицата Никола Русински се поставени 6 вакви контејнери, од кои 2 се со капацитет од 3 кубни метри, а 4 се со капацитет од 5 кубни метри.

Градските власти објаснуваат дека овие контејнери имаат предности во однос на другите садови за отпад бидејќи имаат поголем капацитет, мал надземен дел, побрзо празнење, можност за заклучување и поголем век на експлоатација.

Овој пилот проект дава можност и за селектирање на отпадот, а граѓаните покрај селекцијата на комуналниот отпад ќе можат да селектираат и електронски и кабаст отпад.

Во неколкумесечниот тест-период Градот Скопје ќе ги согледа сите предности и предизвици од користењето на овие садови за отпад од домаќинствата, по што ќе бидат направени анализи за исплатливоста од инвестирањето во вакви контејнери.

 

извор: Makfax