x

Комити по лошите вести од Анталија: Како да сме осудени да страдаме за нашата љубов

После лошите вести од Анталија дека Вардар останува без спонзорот Сергеј Самсоненко, се огласија од навивачката група „Комити“ на „Фејсбук“. Тие порачаа дека во овие тешки мигови, како да се осудени на страдање поради нивната најголема љубов.

Со нетрпение чекаат официјално што ќе се случува со Вардар, во очекување на добри вести и поход кон титулата сезонава.

„Негативните вести од Анталија повторно ни го нарушуваат мирот и не вознемируваат пред почетокот на пролетната полусезона.
Без оглед на тоа што сите се на висината на задачата, повторно несреќата не прати, ни создава нови грижи кои ни го отежнуваат патот кон целта која заеднички ја зацртавме.
Оние на чиј грб е најголемиот товар, издржаа јуначки и им докажаа на сите а пред се на себеси дека со силна посветеност и верба можеме до целта.
Една љубов до нив и порака дека сме со нив до крајот…
Создадовме заедно една силна хемија и се препознавме во уникатна енергија која не сплоти како едно семејство во кое секој знае каква улога има и што треба да прави во интерес на остварувањето на големата слика. Создадовме рецепт кои дава резултат, ни носи победи, но и кој не исполнува духовно.
Но повторно неизвесност, повторно стресови, повторно турбуленции.
Како да сме осудени да страдаме за нашата љубов. Колку и да сме трпеливи и колку и да е нашата поддршка силна и безусловна, повторно не е доволно.
Покрај се ние сме тука, и секогаш ќе бидеме за да ги надживееме сите оние на кои им смета нашето постоење и ја посакуваат нашата несреќа. Ќе ги надживееме сите за потоа на нивниот епитаф го напишеме она што сме го кажале многу пати, а тие не го разбрале“, пишува во објавата на „Фејсбук“ на Комити.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата