“Комерцијална банка” -Скопје нема да ги зголеми каматните стапки, иако пред новогодишните празници менаџментот на Банката најави дека поради зголемувањето на каматите на благајничките записи на НБРМ, Банката ќе ги коригира каматите на кредитите што ги одобрува од сопствени средства. Како што вчера информираа од Комерцијална, одлуката за незголемување на каматните стапки е донесена врз основа на индикаторите на макроекономската политика на Владата за годинава и целите на деловната политика за Банката за 2005 година. Според анализите што се направени, корекција на каматните стапки нема да има во првиот квартал од годинава, што значи дека каматите на кредитите, како и на денарските и девизните депозити на стопанството и населението, остануваат исти. (В.М.Б.)