Комерцијална банка ја доби наградата “Најдобра банка во Македонија” за 2004 година од финансискиот магазин “Глобал Фајнанс”, која годинава првпат се доделува во земјава. Прогласувањето на најдобра банка се одржа за време на Годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд, а наградата ја додели претседателот и издавач на магазинот Џозеф Џарапуто. Магазинот по 11. пат ги избира најдобрите банки на новите пазари во источна Европа и централна Азија. За најдобри глобални банки на церемонијата беа прогласени ХСБЦ, за работа со граѓани, за работа со правни лица е прогласена ЦИТИГРОУП и за управување со средства и за услуги на приватни лица е прогласена УБС. Критериумите за избирање на победниците се пораст на средствата, профитабилноста, стратешки партнерства, квалитет на услуги на комитентни, конкурентска позиција и воведување нови производи. “Глобал фајнанс”, кој годинава полни 17 години од своето излегување, има 50 илјади претплатници и повеќе од 252 илјади читатели во 158 земји. (В.М.Б.)