“Комерцијална банка”-Скопје, “Алкалоид” и “Стопанска банка ” од Битола се три компании, кои минатиот месец на Македонската берза за хартии од вредност на официјалниот пазар на обични акции остварија најголем промет. На овој пазар во јули во 2.863 трансакции истрагувани се 2.500.104 акции за што е платено скоро девет милиони евра. Прва на берзанската топ листата е “Комерцијална банка” која оствари најголем промет од околу 2,5 милиони евра. Просечната цена на една акција на банката се движела околу 4.949 денари, а продадени биле 28.050 нејзини акции. Скопскиот фармацевтски гигант “Алкалоид” е веднаш по “Комерцијална банка” со реализиран промет од околу 1,17 милиони евра. Така во 429 трансакции истргувани биле акции на “Алкалоид” кои имале просечна вредност од 4050 денари . Битолската “Стопанска банка” е веднаш по овие две друштва со остварен промет од 734.941 евра или 45.198.878 денари, а една нејзина акција се продавала по просечна цена од 9.850 денари. Според месечниот берзански извештај за минатиот месец покрај интересот за акциите на овие три компании, постоел и за тргување на акциите на најголемата фирама за дистрибуција на нафта во земјава “Макпетрол”, скопски “Гранит”, “Охридска банка” од Охрид и “Фершпед”. Најскапи во јули биле акциите на скопски “Фершпед” кои достигнале највисока продажна вредност од 99.900 денари за една акција, а реализиран бил промет од околу 160 000 евра. За берзанските купувачи интерес имало и за акциите на скопска “Топлификација”, при што за една акција на оваа компанија постигнала просечна вредност 3.399 денари, а месечниот промет достигнал околу 280.697 евра. На неофицијалниот пазар за хартии од вредност во јули акциите на “Тутунска банка” Скопје и “Агроплод” од Ресен биле најбарани од купувачите, а највисока цена за една акција од 19.000 денари достигнале акциите на Цементарница “Усје”. Берзата во јули на сите пазари за хартии од вредност реализирала промет од околу 11 милиони евра.


Валентина МАРЈАНОВИЌ