x

КОМЕНТАР НА 5. КОЛО: Чудна некоја лига, вака или онака Шкендија пак прва, сензационален Вардар…

skendija-doriev

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Изминатиот викенд се одиграа мечевите од 5.коло во ПМФЛ. И веднаш, ова е навистина чудна некоја ПМФЛ,секој секого може да победи, секој од секого може да загуби. Само Шкендија, вака или онака досега не загубила, вака или онака пак е прва. Силекс и Шкупи, кои пред ова коло беа први, и прикажаа најмногу, се сопнаа. Кратовци во Струга а Шкупи пак кај Вардар.

Тетовци не блескаат и дефинитивно, не играат сјајно, на моменти и ништо не играат, а се први. Веројатно само поради силниот индивидуален квалитет кој што го имаат. И поради тоа што едноставно немаат конкурент во поглед на квалитетот. Се разбира дека Силекс и Шкупи и натаму ќе и бидат силни конкуренти на Шкендија во битката за титулата, но реално, и двете екипи не го поседуваат она што го има Шкендија.

Вардар одново приреди сензација. И не поради тоа што го победи Шкупи со страшниот Дарбо, кој даде гол, но му беше поништен поради офсајд, туку поради начинот на кој тоа го стори. Вардар од коло во коло игра се подобро, да му се направат толку шанси на тимот од Чаир, да не ти се суди чист пенал, да го надиграш фаворитот, е, тоа е доказ дека вардарци допрва ќе приредуваат сензации.

РАБОТНИЧКИ И БОРЕЦ ВЕДНАШ ЗАД ВОДЕЧКИТЕ…

Велиме чудна некоја лига и поради тоа што со една победа си горе, со еден пораз си долу. Работнички ја победи Ренова, и веднаш се најде на 4. место на табелата, со три бода помалку од Шкендија, а Ренова пак падна на десетото место. Ако нема квалитет во оваа ПМФЛ, тогаш јасно е дека ќе биде супер интересно, и тоа во секој поглед. Борец славеше над Академија Пандев и тука е бодовно со Работнички. Велешани знаат како треба, тренерот Михаилов го вади максимумот од овој тим, па и повеќе од тоа.

Струга Трим Лум тактички го доби Силекс. Се разбира дека главната улога ја имаа играчите на Трим Лум, но исто се виде дека тренерот Захариевски знаеше и тоа како добро да ги одмери силите, да ги постави задачите. Јасно е дека стружани во првите 20-25 минути имаа и среќа, но затоа во вториот дел, посебно во завршницата дојде до израз се она што го краси составот на Струга Трим Лум.

За Беласица не вреди веќе ништо да се коментира. Ако за многу брзо време не се случи нешто сензационално, тогаш уште отсега струмичани нека се пакуваат за враќање во Втората лига – исток, ним не им е местото во елитата.

Никако…

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата