x

Коментар на 1. коло: Шкендија беше на работ на провалијата, моќен Силекс…

kom-slika

Конечно фудбал. Викендов доживеавме по цели пет месеци да гледаме наш, домашен фудбал. Да гледаме на ТВ или преку стримовите на ФФМ, на стадион не смееме, јасно е зошто. Короната беснее и во Македонија, а фановите, како “шверцери“, “комити“, “чкембари“ и другите, бараат да бидат пуштени на трибините. Сега одговорните во оваа држава се на потег.

Од фудбалот што го видовме што да се каже? Изненадувања, разочарувања па и очекувани нешта.

Да тргнеме од дербито.

На Чаир домашниот Шкупи буквално ја згази Шкендија во првиот дел. Тој Дарбо Дембо буквално си погруваше со тетовци, тактиката на Ѓока не успеа, само која тактика ако ја имаше. Шкендија реално беше пред катастрофа, пред провалија. Чаирчани имаа супер шанси и за 3:0 па и за 4:0, но тогаш дојде пресвртот. И не поради тактиката на стратегот на тетовци туку поради сувиот квалитет на тимот. Блескаво издание на Љупче Дориев.

Моќен Силекс. Овој тим на Горан Симов од година во година напредува. Сепак ретко кој очекуваше дека кратовци ќе “испукаат“ рафал во Струмица и тоа шест пати. Да, Силекс е силен, но Беласица што ли правеше на својот стадион? Прашање за милиони долари што се вели.

Очекувано Вардар е поразен, и така ќе биде се додека тимот не “влезе“ во тренажен процес како што треба, додека некои од играчите кои сега бараат трансфери не се вратат, додека…

Има уште многу причини, но вардарци ги чека пекол во првите кола.

Пелистер добро тргна. Солидна претстава на битолчани кои на свој терен ја победија Академија Пандев. По мечот гостите се жалеа дека под “Тумбе Кафе“ ефективно се играло многу малку, но нели, целта ги оправдува средствата.

Ренова напаѓаше, Струга Трим Лум се бранеше и се одбрани. По бод и за двете екипи, најважно на стартот е да не се загуби. Така мислеше и Работнички во Ѓорче, но “лавовите“ крикнаа во 92 минута и победија. Секако дека на “романтичарите“ им недостигаа Стојков, Муарем… но факт е дека потребни се засилувања, посебно во нападот. Да не биде само ко лани „повуци – потегни“.

За крај на овој прв коментар за оваа сезона, да ја видиме и табелата. Прв е Силекс….

Кратовци во новиот шампион ќе играат значајна улога, бидете сигурни во тоа.

А таа изгледа вака: 1. Силекс 3 бода, 2. Македонија ЃП 3, 3. Борец 3, 4. Пелистер 3, 5. Шкендија 1, 6. Шкупи 1, 7. Струга ТЛ 1, 8. Ренова 1, 9. Работнички 0, 10. Вардар 0, 11. А. Пандев 0, 12. Беласица 0.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата