“Атена со пенис” е наслов на најновата продукција на Драмскиот театар од Скопје, која љубителите на театарската уметност ќе имаат можност премиерно да ја видат в петок во 20 часот. Оваа претстава според драмскиот текст на Александар Русјаков и во режија на Синиша Евтимов, е трета по ред премиера годинава по “Франкештајн” и “Венецијански трговец”, и како што вели директорот на Драмски Роберт Вељановски, се работи за комедија која сигурно ќе го привлече вниманието на публиката.

Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на Драмски Рубенс Муратовски, Катерина Коцевска, Лазе Манасиевски, Зоран Љутков, Јана Стојановска, Гордана Ендровска…, како и Диме Илиев, Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски, кој првпат игра во Драмски како веќе пензиониран актер.

Според режисерот Евтимов се работи за нов, свеж и современ македонски текст.

“Може да се гледа како тотално бесмислена комедија, во која работите се случуваат само за да бидат смешни, меѓутоа кога ќе се погледне подлабоко, таа е повеќеслојна и може да се чита и како политичка сатира… Се надевам дека и за оваа претстава ќе се бара билет повеќе#, вели Евтимов.
Русјаков пак, додаде дека неговото чувство е оти се работи за одлична претстава со оглед на тимот и енергијата која ја носи.
“Ова е драмски текст извлечен од мојот роман и податен е за денешно време. Има чуден наслов, луѓето сенешто ќе си помислат, и тоа е добро, а тоа што ќе го видат ќе ги изненади. Мојот текст е текст, но вистинското уметничко дело е на оваа екипа која го има вторпат напишано, и тоа ќе биде нивно дело”, додаде Русјаков.

“Атена со пенис” е сценска адаптација на истоимениот роман на Русјаков која од комична позиција се занимава со се поизразената деградација на општествените, семејни и културни вредности. Во фокусот на дејството е Виктор Велков, просечен, средовечен македонски “шалабајзер# и самоповикан гуру на турбофолк сцената. Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот, а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бидува, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситуација, Виктор презема низа дејствија врз кои губи секаква контрола…

Актерите во претставата се едногласни дека процесот на создавањето на претставата и соработката со режисерот било вистинско задоволство. Најстариот член на актерскиот тим Ванчо Петрушевски додаде дека е добро што еден дел од младите режисери обрнаа внимание на комедијата која е сериозен драмски чин.

“Да се напрваи комедија е многу потешко отколку да се работи драма и добро е да се негува овој жанр повеќе, бидејќи смеењето е лек за долг живот”, додаде Петрушевски.

Драмски продолжува со гостувањата

Драмскиот театар Скопје на 9 јуни ќе гостува во Прилеп на фестивалот “Војдан Чернодрински со претставата “Венецијанскиот трговец” На 24. ансамблот ќе игра и на Шекспир фест во Битола, а во терминот меѓу 27 јуни и 4 јули Драмски е поканет на Шекспир фестивал во Нови Сад со Венецијански трговец.

Договорено и претставата “Јов” да игра на регионален фестивал на најдобрите продукции во септември во Сараево. Во текот на летните месеци со претставата “Буре барут# ќе гостува на Битфест во Битола.