Репрезентативците на Италија обезбедија пласман во 1/8 финалната рунда и последниот натпревар од групната фаза, против селекцијата на Р. Ирска, ќе биде од ревијален карактер на избраниците на Антонио Конте.

Без разлика како ќе заврши дуелот во Лил, “азурите” ќе бидат првопласирани во групата Е, додека репрезентативците на Ирска се во една незавидна ситуација и имаат потреба од вистинско чудо.

Следната елиминациска рунда ќе стане реалност за избраниците на Мартин О’Нил, доколку забележат убедлива победа во дуелот против селекцијата на Италија и доколку репрезентацијата на Шведска слави во дуелот против селекцијата на Белгија.

Во тој случај, Ирска ќе биде второпласирана, Шведска ќе заврши на третата позиција, додека Белгија ќе биде елиминирана од ЕП 2016.

Мора да победиме, немаме друга опција. Пред стартот на ЕП имаше и такви коментари дека е можно да се пласираш во 1/8 финалната рунда со три бода. Сепак, ние мора да го добиеме дуелот против Италија, ние немаме право на нерешен резултат. Ќе мора да дадеме се од себе, ќе мора да изгинеме за секоја топка, ќе мора да се бориме до последниот судиски свиреж. Се ќе беше поинаку доколку го добиевме дуелот против Шведска. Може да се случи тој натпревар да биде пресуден за нашата елиминација. Сепак, се додека има надеж, ние ќе се бориме, изјави предводникот на Ирска.

Селекторот на Италија, Антонио Конте најави дури седум измени во почетниот состав. Дуелот помеѓу селекциите на Италија и Р.Ирска ќе стартува во 21:00 часот.