Бегалците во Хрватска дојдоа затоа што бегаат од војните, а Колинда Грабар-Китаровиќ на нив испрати војска, згрозени се од Центарот за мировни студии во Загреб, кој порачува дека се шкирани од “незнаењето и безчувствителноста на хрватската претседателка”, пренесува Индекс.хр.

-Во време кога Република Хрватска се соочува со големи јуманитарни предизвици, претседателката сосема непримерно ги оптоварува вооружените сили со можни задачи за надзор на државната граница. Претседателката мора да сфати дека бегалците кои доаѓаат и минуваат низ Хрватска не се окупаторска војска туку луѓе, а меѓу нив има и многу деца и други ранливи групи кои бегаат од војните, соопштија од Центарот за мировни студии.

Со нејзините непромислени и неодговорни ставови Колинда, смета ЦМС, само внесува немир кај граѓаните на Хрватска и бесмислено ги исцрпува државните ресурси.

-Со тоа нанесува штета и на угледот на Хрватска во светот оти ја прави истата грешка што ја направи Унгарија. Истовремено, ги поздравуваме намерите војската да се вклучи во хуманитарниот аспект на оваа криза со давање логистичка поддршка на полицијата и граѓанското општество, велат од ЦМС.

-Ги повикуваме граѓаните на Хрватска да не наседнуваат на овие непристојни идеи на претседателката, а претседателката да не создава паника и да се однесува достоинствено и одговорно кон секој човечки живот кој е во неволја, пишува во соопштението на Центарот.