Комеморацијата за актерот Ванчо Петрушевски кој почина денес на 67 години, ќе се одржи в понеделник во 10 часот во неговиот матичен Драмски театар. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот.

Петрушевски почина денеска на 67 години. Неофицијално, загинал од струен удар качен на метална скала обидувајќи се нешто да завари во викендичка во Орешани, близу Драчево, каде живеел во летните месеци.

Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Завршил Висока музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје, а во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Во матичниот Драмски театар се пензионираше во 2016 година, но беше активен на сцената и последниве години. Меѓу неговите последни улоги е во претставата „Буре барут” во режија на Сашо Миленковски.

Петрушевски е познат по улогите во голем број на ТВ- емисии, радио драми, филмови, претстави, какo: Македонски народни приказни, „Хихирику”, „Ангели на отпад”, „Трст виа Скопје”, „Среќна Нова ‘ 49″, „Трето доба”, „Диво месо”, „Грев или Шприцер”, „Солунски патрдии”, „Опстанок”, „Пресуда”.

Неговите колеги со пораки на Фејсбук се простуваат од Ванчо Петрушевски.

Тони Михајловски: „Вечна ти Слава Иван Петрушевски- Ванчо. Почивај во мир голем Македонецу. Македонија ќе те памети вечно, оти делата остануваат и по човека. По тебе ќе останат и многу, и убави. Ќе недостигаш многу и во театар колега, и во борбата за Македонија брату. Лесна ти земја”.

Драган Спасов Дац: „Добрите глумци никогаш не умираат”.

Рубенс Муратовски: „Кога ќе си отиде актер од моето детство, како да си оди и дел од мене. Дел од она кон кое сум се стремел. На кое сум завидувал и бескрајно го почитувал. Ванчо, беше баш таков. Но, кога ќе си отиде актер, знаеш дека неговите одиграни улоги ќе останат за навек. Нека Ти е лесен патот кон светлината Ванчо”.

Роберт Вељановски: „Замина една од најголемите легенди на Драмски! Пријател, колега, брат! МАКЕДОНЕЦ!!! Почивај во мир и Бог да те прости! Се гледаме, онаму”.

Јелена Жугиќ: „Нека ти е лесна земјата и вечно името драг колега Ванчо, со голема радост ќе се сеќавам на секоја наша претстава и дружба. Почивај во мир голем човеку”.

Васил Зафирчев: „Голем актер, редок човек и посветен и колега и пријател. Благодарност за сите неговите улоги со кои пораснавме, но и за сите претстави што заедно ги споделивме на сцена. Ќе недостигаат неговата искрена насмевка, ведар дух, неверојатен хумор и вечен оптимизам! Нека му е светол патот кон вечноста и нека му се вечни славата и сеќавањето кај многу генерации Македонци”.

 

Петрушевски во богатата кариера ги има добиено наградите: „Димче Трајковски” за епизодна улога на фестивалот „Војдан Чернодрински” во Прилеп за ликот на Јаков во претставата „Дупло дно” од Горан Стефановски, најпопуларно ТВ лице според веснокот „Вечер” за 1987 година, награда за најдобро актерско остварување на филмот и телевизијата според анкета на ревијата „Екран”, награда на „Војдан Чернодрински” за улогата на Јанко во „Собирен центар” од Ковачевиќ, како и државната награда „23 Октомври” за остварување во областа на културата и уметноста во 2016 година.

 

 

За време на протестите на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, Петрушевски во едно одсвоите обраќања рече: „Јас сум роден овде во Македонија, тука биле моите прадедовци нашите татковци, треба да живеат и нашите синови. Дојде време за одбрана на унитарна и заедничка Македонија. Дојде време да станеме сплотено сите под знамето на Македонија. Ова се последните мигови кога можеме да ја одбраниме Македонија, таква каква што ни ја оставија нашите предци. Веќе не се работи за политичка партија за политички кариери за функции ова е многу поважна работа, се работи за нашата Македонија”.

Актерот Ванчо Петрушевски почина денеска на 67-годишна возраст.

Од Министерството за внатрешни работи изјавија за МИА дека добиле повик од итна помош за починато лице од струен удар во скопското село Орешани, и оти екипи од МВР се на увид.

Неговите колеги веке се простуваат од него на социјалните мрежи.

– Тукушто разбрав дека доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот. Почивај во мир Рамче. За комеморацијата и погребот дополнително ќе известиме, објави на својот Фејсбук профил директорот на Драмски театар Сашо Тасевски.

Доајенот на Драмски театар Ванчо Петрушевски е роден во Скопје. По завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Учествувал во голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии… Познат е по своите улоги во серијалот Македонски народни приказни.

Во 2016 година ја доби државната награда „11 Октомври” за остварување во областа на уметноста и културата.