Чија е одговорноста бугарската блокада за Македонија на патот кон Европската Унија? Не може никој да нема одговорност, а Македонија да нема датум за почеток на преговори со ЕУ,  во ситуација кога направи отстапки кои досега не ги направила ниту една земја во историјата.

Не се далечни изјавите на премиерот, Зоран Заев и вицепремиерот, Никола Димитров дека Македонија нема повеќе непријатели, односно дека ги решиле сите проблеми како во државата, така и со соседите и сега нема кој да не блокира.

Сите карти ги фрлија на надворешната политика и четири години ги слушаме тие изјави, дека имаме датум, дека наскоро ги почнуваме преговорите за членство со ЕУ. Четири години креираат еуфорија и креваат очекувања за европската иднина на Македонија. Но, еве датум нема, а нема ни одговорност, но има бегање од неа. Има неуспех, а според нив двајца нема одговорен за тој неуспех.

Сепак, треба да се соочат со фактите дека токму тие двајца ја носат најголемата вина за тој неуспех.

Токму Заев и Димитров се тие кои учествуваа во креирањето на договорите со Бугарија и Грција. Тие се двајцата кои одлучија да ги исклучат опозицијата, јавноста, но и експертите од целиот процес. Исто така двајцата одлучија без посебна стратегија, дипломатија и црвени линии да настапат во преговорите со двете држави.  И покрај сите апели за заеднички дефинирани црвени линии, за  стратегија која ќе се дефинира заедно со опозицијата и експертите, Заев и Димитров не сакаа да слушнат за тоа. Решени беа дека ќе успеат во целта.

Дури и референдумот така го поставија, дека доколку се смени името покрај НАТО, немаме веќе пречки и за во ЕУ. Но, еве имаме пречка и тоа од Бугарија и покрај потпишан Договор за добрососедство и пријателство кој наводно беше решение за проблемите. 

Тој договор создаде нови проблеми. Да се навратиме дека кога се потпишуваше тој Договор, премиерот Заев и вицепремиерот Димитров кој тогаш беше министер за надворешни, истиот го договараа без да се консултираат со опзоцијата, не се консултираа ниту со лингвистите, ниту со историчарите, а уште помалку со МАНУ.  Не убедуваа дека знаат што прават, а дека критиките се само од тие коишто сакаат да ја кочат државата. Залудни беа сите апели да се согледа опасноста од потпишувањето на договор без национални црвени линии.

Македонија доби блокада или вето поради тој договор кој Бугарија си го толкува по свое, но тоа им го овозможија токму Заев и Димитров кога го потпишаа.  Сега кога Бугарија бара од нас невозможни отстапки, односно откажување од идентитетот, историјата, јазикот, малцинството, тие се повикуваат на Договорот.

Но, не е само тоа. Самиот премиер Зоран Заев во неговото интервју за новинската агенција „БГНЕС“, ги подгреа бугарските надежи дека во право се со нивните барања, откако изнесе скандалозни ставови како за историјата, така за јазикот и македонското малцинство во Бугарија. Интервјуто во Бугарија, даде нова основа, дека тие се во право и дека нивните барања мора да бидат исполнети.

Друга грешка е немањето на соодветна дипломатија. Македонија во овие клучни моменти нема амбасадор во Бугарија уште од март. Неверојатно ее како во земјата од која ни зависи европската иднина немаме амбасадор кој ќе ја претставува државата. И не е само немањето на амбасадор проблем. Владата предводена од СДСМ воопшто не е заинтересирана за лобирање во земјите членки на ЕУ да се изврши одреден притисок врз Бугарија, за по примерот на Словенија и Хрватска проблемот да се решава потоа. 

После првото вето имаше простор за таква работа. Голем број на европски држави и политичари беа запрепастени од потегот на Бугарија, но власта се реши да се додворува во Софија, а не во Брисел. Затоа Бугарија го искористи тој простор во своја корист, па наместо притисок врз нив, од ЕУ добивме шамар дека прво мора да се реши проблемот со Бугарија, а потоа датум.

Сега сме останати во чекалната во Софија, наместо во чеклната во Брисел и чекаме Бугарија да ни ја скрои судбината. Сето тоа поради аматерската дипломатија, лошите преговори и немањето на црвени линии во целиот процес.  

И кога Заев и Димитров решија самите да го водат процесот онака како што тие наумија, а истиот доживеа неуспех, тогаш факт е дека тој неуспех е на нивна заслуга и треба да ја понесат одговорноста за тоа.