Македонскиот музичар Џијан Емин уште еднаш реализираше успешен музички проект кој заврши со громогласни аплаузи, еуфорија и овојпат со три биса. Вака заврши концертот со Белградскиот симфониски оркестар и диџејот и продуцент од Детроит, Јуан Аткинс на фестивалот “ДЕВ9Т” во Белград. Џијан, кој беше задолжен за оркестрациите на композициите, ја имаше и улогата на диригент.

Најновиот проект на Џијан и продуцентската куќа “Излет Мјузик” доаѓа по нивните проекти со познатиот диџеј Дерик Меј реализирани во земјава, во Европа и во светот во текот на изминатава година. Покрај Аткинс, кој беше солист на клавијатури и електроника, на концертот гостуваше и вокалниот солист Милан Ариел.

“Драго ми е што добивме покана за премиерна реализација на овој проект токму во Белград, од страна на организаторот на фестивалот, Душан Кузманов и уште подраго ми е што како продуцентска куќа “Излет Мјузик” успеавме да се претставиме на квалитетно ниво кое публиката го препозна и го награди. Белград е центар на светски културни случувања”, вели Џијан Емин.

Овојпат публиката во Белград уживаше во автентичниот микс на електронска и класична, симфониска музика, од интересната мешавина на разновидни ритми и мелодии во кои се мешаше и фолклорот од ова поднебје, од фузијата на аналогниот и артифициелниот звук.

По неговото гостување со американскиот диџеј Дерик Меј во Европа, САД и Австралија, со различни видни симфониски оркестри, тој вели дека овој пат имал нов предизвик.

“Најсилниот предизвик на секој уметник е да донесе нова идеја, нова енергија, нов начин на размислување и нов концепт. Сега го искористив искуството кое го добив од работењето на оркестрациите за проектот со Дерик Меј и искуството од можноста да ја диригирам музиката на Џеф Милс. Во новиот проект со Аткинс направив промена на оркестарско-инструменталниот план. Производот носи силна енергија, а публиката во Белград го потврди тоа”, вели Џијан Емин.

За неговата прва соработка со Јуан Аткинс, тој раскажува: “Јуан е тивок и мирен човек, и многу сериозен во однос на музиката. Се запознавме минатата година во Детроит. На поканата да направиме заеднички проект тој се израдува и со нетрпение ја очекуваше финалната реализација. Претпоставувам дека имаше голема доверба во мене, знаејќи го она што претходно го работев со Меј и Милс. Тоа ја зголеми дополнително мојата одговорност. На моја голема радост, беше воодушевен уште кога ги слушна демо-снимките.”

Висококвалитетно озвучување и светлосните и визуелни ефекти беа уште еден дел од звучниот мозаик кој ја направи атмосферата во Белград да биде навистина волшебна.

За Џијан Емин и Белград значеше уште една можност за идни големи проекти и соработки. Наша заедничка желба е да го претставиме овој проект на публиката ширум светот.