Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, денеска обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како тогашен директор на ЕЛЕМ и раководството на компанијата, ја подготвиле ситуацијата за во јануари 2017 година, таа да биде погодна за скап увоз на струја.

Ковачевски вели дека подготовката на увозот почнала на 29 декември 2016 година, кога Мицкоски побарал од Регулаторната комисија за енергетика да им ги пратат правилата за набавка на електрична енергија.

„На 5 јануари 2017 година добиваат решение од регулаторната комисија за одобрување на правилата за набавка на струја, и веднаш, од 8ми јануари го започнуваат скапиот увоз на струја. Истовремено, уште додека ја чекале дозволата, извршиле исклучување на блокови во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Почнале и засилено да ги експлоатираат хидроелектраните и да ја трошат цела вода, додека во исто време го организирале увозот на струја по фантастично високи цени“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека ниските температури со кои денес се правда Христијан Мицкоски не се никакво оправдување, бидејќи ниски температури имало секогаш, а во битолскиот регион низ годините наназад редовно паѓале и до минус 25 и до минус 27.

„Тоа што е факт е дека раководството на чело со Мицковски ја внело компанијата во грејната сезона без доволно јаглен и со неремонтирани блокови. Дали ова било планирано или не било планирано, одговор може да даде само Христијан Мицкоски“, нагласи Ковачевски.

Како што кажа, ВМРО ДПМНЕ кое раководеше со ЕЛЕМ од 2006 до 2017 година, континуирано и свесно ја носело компанијата кон ослабување на нејзините капацитети за истата да стане зависна од надворешни фактори, преку кои ќе може да се злоупотребуваат нејзините ресурси за нечија лична корист.

„Ненаправените ремонти, кои се обврска и се дел од производниот процес, неодржувањето на капацитетите, неинвестирањето, ненабавувањето на сопствена механизација и континуираното расходување на сопствената, довеле да тогашно ЕЛЕМ, државниот производител на електрична енергија, да го клекнат на колена за да можат преку него да ги реализираат и капитализираат своите планови, а се на штета на граѓаните“, додаде директорот на компанијата.

Ковачевски потсети дека вчера беше објавено оти Христијан Мицкоски купил увозна струја по астрономски високи цени, односно, во месец јануари 2017 година увезол струја по цена и до 240 евра за MWh и потрошил 5.600.000 евра.

извор: Makfax