Италијанскиот премиер Џузепе Конте се очекува денеска во 15 часот, по локално време, да поднесе оставка пред Сенатот. Доколку Конте не поднесе оставка, се очекува вицепремиерот и претседател на партијата „Лига“ Матео Салвини, кој претходно ја растури коалицијата со движењето „Пет ѕвезди“, да побара предвремени избори.

Според последните анкети, „Лига“ и нејзините крајнодесничарски сојузници убедливо би победиле на предвремени избори.

Но без разлика дали Конте ќе поднесе оставка или Салвини ќе побара недоверба на Владата, тоа ќе значи крај на 65-от повоен владин кабинет, само 14 месеци по доаѓањето на власт.

На 8 август Салвини ја раскина коалицијата со „Движењето Пет ѕвезди“, нагласувајќи дека е заморен од постојаните кавги со сојузникот, со кој се спореа околу големи проекти, како што е изградбата на брза железничка пруга Лион – Торино. Тој тогаш соопшти дека Владата веќе нема мнозинство и побара предвремени избори на есен. Но Конте побара таа постапка да се спроведе во Парламентот.

извор: Makfax