Земјите кои што беа главни фактори за избивањето на крвавата граѓанска војна во Сирија која што трае веќе седум години, станаа главните клиенти на Москва за купување на руско оружје.

Русите тврдат дека се единствената сила во Сирија која што е вклучена во војната легитимно. Руските медиуми со години „ги бомбардираат” Турција, Саудиска Арабија, Катар и уште неколку други земји со тврдења дека тие ги финансираат бунтовниците кои што ја предизвикаа граѓанската војна во Сирија, но – бизнисот си е бизнис.

Како што пренесуваат извори од Русија, катарските власти се во напредни преговори со Русија во врска со купување на напредниот против-воздушен ракетен систем „С-400 Триумф”.

Оваа информација исто така во разговор со руските медиуми ја потврди и катарскиот амбасадор во Русија, Фахад бин Мохамад Ал-Атијах, со што Катар после Турција и Саудиска Арабија ќе стане третата земја која што ќе го набави рускиот против-воздушен систем.

Катарскиот амбасадор откри дека договорот за воената соработка кој што Москва и Доха го потпишале уште минатата година за време на посетата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, го отворил патот кон разни договори, вклучувајќи го и купувањето на оружје и обуката на војници.

Од Катар тврдат дека тие не се заинтересирани само за купување на против-воздушниот ракетен систем „С-400 Триумф”, туку и за купување на друга воена опрема од руско производство.

Да потсетиме, од просторот на Блискиот исток веќе две земји потврдија дека ќе го купат рускиот против-воздушен ракетен систем, а тоа се Турција и Саудиска Арабија.

Според аналитичарите, со приклучувањето на Катар на оваа листа може да се каже дека трите клучни актери во дестабилизацијата на Сирија сега стануваат руски клиенти, односно Владимир Путин направи бизнис со тие за кои што тврдеше дека се виновни за избувнувањето на војната во Сирија, а Русија ја означи како „спасител” на сирискиот народ.