Кандидатката на демократите за претседателските избори во САД Хилари Клинтон во нејзиниот говор во градот Рино во Невада го прикажува нејзиниот ривал Доналд Трамп како кандидат на екстремна десница, со оценка дека радикалните елементи ја имаат преземено Републиканската партија.

Таа меѓу другото предупредува дека Трамп од почетокот ја градел неговата кампања врз предрасуди и параноја, пренесува АФП.

Клинтон предупредува дека тој го воведе расизмот во главните политички текови и помогна радикалните елементи да ја преземат едната од двете најголеми политички партии во САД, наведува АФП.

Контроверзните изјави на Трамп кои многумина ги протолкуваа како расистички, предизвикаа намалување на неговата популарност во круговите на одредени заедници во САД.

Латиноамериканските имигранти Трамп ги нарече криминалци и силувачи, а добро е позната јавната расправија со семејството на загинатиот американски војник муслиман.

Медиумите оценуваат дека неодамнешната реконструкција на изборниот штаб на Доналд Трамп покажува дека популистичкиот милијадер нема стратегија со која може да го прошири неговото гласачко тело.

Клинтон на овој потег реагираше со оценка дека, без оглед на промената на тимот, Трамп си останува истиот човек.