Клиничкиот центар во Скопје удри рез на нарачките за февруари и ги редуцира за најмалку 20-тина отсто. Први на удар се скапите препарати, односно интерфероните за мултиплекс склероза, лековите за хепатитис Ц, еритропоетините…
Од Клиничката управа во текот на вчерашниот ден не можевме да добиеме официјално објаснување, но повеќе од јасно е дека резот е последица на рационализацијата на трошоците и политиката на штедење. Редукцијата во требувањата ни е потврдена од повеќе компетентни места, но без коментари. Според најавите на ред, најверојатно, ќе се најде и цитостатската терапија.
Болните од жолтица и од мултиплекс склероза подолго време стравуваат дека ќе останат без терапија поради кратењето на буџетите на клиниките и на другите здравствени установи, кое почна од овој месец. Пациентите бесплатно ги добиваа овие препарати, бидејќи тие се на болничката листа со лекови и се на товар на Фондот за здравство.
Од околу 240 лица со мултиплекс склероза, кои мора да ја примаат интерферонската терапија, со која се забавува развојот на болеста од програмата ќе мора да се симнат околу 50-тина. Годишната терапија чини по неколку илјади евра. “Не ни е јасно кого и како да го симнеме од терапијата. По кои критериуми, како она што го добиваа да им го скратиме, иако очигледно е дека има ефекти, велат експерти. Требувањата за 20-тина отсто се намалени и кај еритропоетините, кои се користат во неколку медицински области. Истиот процент е применет и за лековите кои се користат во третманот на жолтицата од типот Ц, болест од која се проценува дека страда 3 отсто од населението, а за која друга терапија нема.
Терапијата со лекот чини околу 10.000 евра за пациент. Досега 100 болни го примаа препаратот. Лекувањето е завршено кај 50 лица, а кај 90 отсто од нив имало одлични резултати. Во Фондот за здравство објаснуваат дека овие препарати се и ќе останат на болничката листа, но најверојатно нема да го има за сите пациенти. На листата на чекање има повеќе од 30 новооткриени пациенти со мултиплекс, кај кои терапијата е препорачлива.
“Како ќе не изберат и кој ќе одреди кој од нас треба да добие лек? Сами не можеме да ја обезбедиме и да ја платиме терапијата” – се жалат пациентите, од кои некои се веќе во вистинска паника и најавуваат организирана реакција.


Ристе НЕДАНОВСКИ