Клинички издишува – Димов по промоции
Клиничкиот центар не знае како ќе им го покрие целиот пакет-услуги што им следува на осигуренците со буџетот што на оваа врвна здравствена организација и е определен за наредната година. Ваквото алармантно предупредување вчера го даде директорот д-р Андреја Арсовски на прес-конференцијата на кој присуствува неговите соработници. Според него, во услови кога има нови лекови и технологии, не се знае како ќе се обезбеди и најосновното, ако не се најдат дополнителни извори нема да може да се инвестира во опрема и реновирање на објектите. Вкупниот буџет на Клинички центар за наредната година изнесува нешто повеќе од три милјарди денари и тој е помал во однос на ланскиот. “Вака нема да можеме да инвестираме во нова опрема кога постојната е веќе амротизирана. Ќе се обидеме да го одржиме нивото на услугите, но тоа ќе биде исклучително тешко”, објасни Арсовски. Според него, Клинички ќе се обиде да ги искористи внатрешните резерви, меѓутоа ќе биде принуден да воведи и листи на чекање, ред за пациентите кои од другите здравствени установи доаѓаат во Центарот за услуги кои можат и таму да ги добијат. Клиничарите спасот го гледаат и во владините мерки за санирање на состојбите во здравството, но никој не знае да посочи кои се тие и како ќе се применуваат (сите се крстат во цигарите!). Со состојбата во Клиничкиот центар се запознаени сите надлежни структури.
Министерот за здравство Владо Димов вчера присуствуваше на доделувањето на новите лиценци на докторите, а ден претходно и на јубилејот од почетокот на кампањата за помош на Детската клиника. Новинарите вешто ги избегнува, а со тоа и “незгодните” прашања. Во Клинички сметаат дека здравството повеќе не може да функционира паушално, односно дека треба да се редефинира и пакетот на услуги што следува со осигурувањето. Според нив, тоа е во ингеренции на други инстанци. За да се обезбедат дополнителни средства, Арсовски најави дека ќе се обидат да привлечат и приватни пациенти од странство кои ќе си плаќаат за добиените услуги. Најтешка состојбата ќе биде на клиниките и институтите на кои има скапа опрема и каде се користат скапи лекови.
Паркинг на “жими мајка”
Паркинзите во Клинички центар се дадени под концесија на фирмата “Венекс” во соработка со “Ееурософт” и “Делтапром”. Според директорот Арсовски, концесионерот бил избран на тендер. Тој нема да плаќа месечен надомест, но е обврзан да ги среди паркинзите, тротоарите, рампите… Концесијата е дадена на осум години. Според математиките на клиничката управа, концесионерот би требало да инвестира вкупно околу 400.000 евра. За колку време концесионерот ќе ги извади парите не се правени пресметки, но кога ги слушнаа условите, за ваква концесија апетити пројавија и новинарите со нивните скромни плати. Цената на билетот за паркирање ќе зависи од времетраењето.
Ристе НЕДАНОВСКИ