По 40 години, вчераутро почна најголемиот земјоделски попис во земјава. На терен се најдоа 5.707 попишувачи и 613 реонски инструктори, кои треба за две недели да ги евидентираат сите индивидуални земјоделци и деловни субјекти. Пописот се спроведува од “врата на врата”, а во него се вклучени лицата кои ги избра Државниот завод за статистика преку тестирање. Попишувачите кои ги евидентираат земјоделските стопанства и домаќинства што поседуваат шума или рибник, секаде биле добро примени, освен во тетовскиот и кичевскиот регион каде граѓани се пожалиле дека не биле информирани за пописот.

Пописот ќе ја чини државата 208,6 милиони денари, кои се обезбедени од Буџетот, а првичните резултати од евиденцијата на ниво на општини, ќе бидат соопштени на почетокот на јули. Комплетните резултати ќе бидат објавени до крајот на годинава.
– Сите одговори на населението и деловните субјекти ќе бидат заштитени -ветува директорката на Заводот за статистика, Благица Новковска.

Таа апелира до земјоделците да даваат реални податоци бидејќи повеќето од нив се распрашувале дали дадените податоци, државата ќе ги земе предвид при оданочување. Според Новковска, во одредени региони каде што живее албанско, турско и ромско население се појавил недостаток од попишувачи, поради што било организирано дополнително тестирање.

За сите детални информации во текот на попишувањето граѓаните ќе може да се јавуваат на бесплатниот телефонски број 0800-44-555, од осум часот наутро до 20.00 часот навечер.

(В.Ма.)