Единаесетти октомври, Ден на народното востание на македонскиот народ или Ден на востанието на Македонија, е голем историски настан за македонската нација и, следствено, македонската држава секоја година го одбележува со свечени концерти, положување цвеќиња на гробот на Методија Андонов-Ченто (првиот претседател на Президиумот на АСНОМ), положување цвеќиња во Паркот на револуцијата во Прилеп, положување цвеќиња во Спомен-костурницата на паднатите борци од Народноослободителната борба во Куманово и сл.

Одбележувањето на 11 Октомври има цел да ја потсети новата генерација за суштината на македонската борба во текот на Втората светска војна. Народното востание на македонскиот народ идеолошки се состои од неколку карактеристики што се обединети во формулацијата антифашизам и антифашистичко движење – борба против бугарскиот иредентизам (отпор против бугарската денационализаторска политика), борба за независна и обединета Македонија, борба против антисемитизмот, борба против германскиот нацизам, борба против италијанскиот фашизам и борба за социјална еднаквост.

Македонското антифашистичко движење со својата внатрешна содржина се наоѓа во најраните корени на европскиот антифашизам.

Македонското антифашистичко движење е комплексно и ја обединува тогашната малобројна македонска интелигенција во чии редови имало слободољубиви Македонци што се залагале за самостојна и обединета Македонија, членови на илегалните комунистички партиски организации и млади скоевци што во движењето ја внесуваат класната борбата за социјална еднаквост и правда.

Не случајно илегалниот весник „Дедо Иван“, кој излегувал како орган на месниот комитет на КПЈ во Куманово, вели: „Овој весник ќе биде стожер околу кој ќе се обедини сѐ што е чесно, сѐ што сака да се бори за ослободувањето на Македонија од туѓите окупатори…“

Во овој дух е и Прогласот до целиот македонски народ напишан од Коста Солев Рацин, во кој се вели: Братја Македонци… Ние немафме самостојателна држава… Борис Трети и Последни и неговото народоиздајничко правителство, кои почнава да го обезоружувајат народот со својата архилага: како баш нимната политика довела да се „ослободи“ Македонија и „обедини“ Болгарија…

Вистина е пак дека Борис Последни одамна се бореше против Македонците во Болгарија, ги осудуеше на смрт и ги стрелаше по софијските улици како кучиња, и уште тогај за вечни времиња ја предаде Македонија на милост на великосрпските убијци…

Што имајат они да зборујат за Македонија и што има да чека од ним македонскиот народ? Ништо повеќе од ново и поцрно ропство… Братја Македонци! Ете ја истината! Ние не требе и не смееме на никого од нас да дозволиме да стане жертва на лагата на „ослободена“ Македонија!

Напротив, требе сериозно да се помислиме над това што ни мислат подлецот Хитлер и неговото гнасно орудие – Борис и неговото правителство! Нашето место не е на нимната страна, нашето место е кај онија народи што се борат против кучето Хитлер и неговите бесни орди!

Во овој правец е и приговорот кон Манифестот на Главниот штаб испратен од страна на Акцискиот народноослободителен комитет (АНОК), чии членови подоцна ќе влезат во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и ќе учествуваат во создавањето на современата македонска држава.

За овој документ, Киро Глигоров, еден од авторите на самиот приговор, член на АНОК и прв претседател на независната македонска држава, вели: „Разгледувајќи го Манифестот, исто така ни падна в очи дека тој се фокусира само на Вардарска Македонија, на борбата во овој дел, додека ја немаше борбата на Македонците во Егејска и во Пиринска Македонија…

Ние сметавме дека не смее да се пропушти оваа историска можност за обединување на Македонија, бидејќи доаѓа време кога ќе се прекројуваат повеќето држави. Мислевме дека ако сега не се постави решавањето на македонското прашање, којзнае дали ќе се укаже таква друга историска шанса…“

Диме Поп Атанасов – првата жртва во борбата против бугарскиот окупатор

Во мај 1941 година, под водство на Методија Шаторов-Шарло била организирана воена обука. На 2 јуни 1941 година била извршена диверзантска акција во која биле запалени и уништени еден германски транспортен авион и еден германски камион. На 12 јуни 1941 година во селото Горни Дисан – Кавадаречко, по една акција, бугарските војници го убиле Диме Поп Атанасов – првата жртва во борбата против бугарскиот окупатор.

Во август 1941 година била организирана диверзантска акција на рудникот Радуша, а следниот месец имало судир кај тунелот Богомила. Во средината на септември 1941 година, на Селечка Планина, бил формиран прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, кој на 11 октомври 1941 година извршил напад врз полицискиот участок во Прилеп, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп.

На македонскиот народ антисемитизмот му беше туѓ

Во октомври 1942 година бил конфискуван имотот на еврејската општина во Скопје од страна на Комесарството за еврејски прашања. Во почетокот на 1943 година Германците веќе го подготвиле планот за депортација на Евреите и бил потпишан протокол за депортирање помеѓу нацистичка Германија и Царството Бугарија, според кој депортирањето требало да го спроведат бугарските државни власти.

Следствено, од Вардарска Македонија биле депортирани 7.000 македонски Евреи, кои завршиле во концентрациониот логор во Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасните комори. Според алманахот издаден од еврејските општини во Југославија, по Втората светска војна во Македонија останале само 410 Евреи.

За овие настани, Киро Глигоров вели: „Евреите беа подготвени за соработка и со нив имавме добри односи. Впрочем, на македонскиот народ антисемитизмот му беше туѓ, непознат. Тогаш почнаа поорганизирано да се развиваат врските со Евреите, што подоцна, кога веќе почна засилената востаничка дејност, одењето во партизани и слично, се покажа како многу корисно.“

Сѐ што беше македонско прекуноќ се прекрсти во бугарско

Бугарските окупатори, кои себеси се именувале како „ослободители“, создале нова администрација и поставиле свои луѓе на сите важни места. Особено голема улога имала бугарската полиција, која била помагана од локалните колаборационисти, кои биле бугарофилски настроени како што е т.н. група Чкатров-Ѓузелов.

Бугарските окупаторски власти започнале редовно да организираат и одржуваат манифестации, прослави и т.н. „зарји“ – вечерни постројувања на бугарската армија, полиција и припадниците на новосоздадените младински фашистички организации Браник, Отец Паисиј, Ратник, Јунак и др., со труби, музика, воени маршови како прослава на бугарскиот шовинизам и иредентизам. Во текот на овие настани нагласено се говорело за обединета Бугарија.

Бугарија го воведува бугарското законодавство и создава два административни центра – Скопје и Битола. Се обновуваат некогашните епархии на Бугарската егзархија (црква) и бугарските училишта. Раководниот кадар и најголемиот дел од службениците пристигнале од Бугарија.

Бугарија се претставувала како „ослободителка“, но донела посебни закони: Закон за заштита на државата и Закон за брзо уредување на неодложни прашања во ослободените земји. Врз основа на првиот закон се создал посебен окупаторски режим, а со вториот закон бил воспоставен одделен кривичноправен систем, кој важел само за новоокупираните делови на Македонија.

Овој правен систем отстапувал од правниот систем на Царството Бугарија и во Македонија воените судови имале проширени компетенции за судење граѓански лица. Новиот бугарски училиштен систем бил најорганизираниот дел од бугарската денационализаторска политика.

За овие настани, Киро Глигоров вели: „Сѐ што беше македонско преку ноќ се прекрсти во бугарско…“

(Нова Македонија)