Секој, кој има макар и една слика со било кој од обвинетите, да го провери контекстот и да ги расчисти дилемите во јавноста, порача поранешниот генерален секретар на СДСМ, пратеникот Александар Кирацовски, според кој е очигледно дека истрагата околу случајот „Рекет“ се одвива длабински, сеопфатно и транспарентно.

Овој процес ќе ја потврди вистината и ќе ја сузбие лагата и шпекулациите. Криминалците ќе бидат изведени пред лицето на правдата, одговарајќи за стореното. Но, кон овој случај, неопходно е Обвинителството да пристапи и низ општественото огледало кое претежно го креираат политичките напади и инсинуации, лажните вести и конструкциите.

 

Не смее да остави дамка врз процесот оставајќи разно-разни шпекулации да кружат во јавноста, независно дали се политичка реторика или чаршиски муабети. Пример, тоа може да го стори единствено ако го повика секој, кој има макар и една слика со било кој од обвинетите, да го провери контекстот и да ги расчисти дилемите во јавноста. Можеби е илузорно и непотребно, но ќе го намали просторот за инсинуации и неосновани сомнежи. Тоа доаѓа како „стружење на кариес од заб“, бегла црна точка која доколку не се санира навреме, прави штета по време, вели Кирацовски.

Тој додава дека во секој случај, овој скандал е доказ дека правната држава функционира и е шанса преку истиот да се врати довербата во институциите и правосудниот систем.